Македонски вински водич

Македонски вински водич` е ново четиво, кое што ја обработува приказната за создавањето на македонските винарии и вина. Авторите Ивана Симјановска и Пол Капуто,низ овој водич, им го доловуваат на читателите македонскиот вински идентитет.

„Производството на вино е познато уште од памтивек во овој древен дел од Балканот, но и покрај богатата историја во производство на вино во Македонија, земјата се има соочено со безброј предизвици во минатото. Петстотини години под Отоманската империја, двете Светски војни, комунизмот, како и обидите и тешкотиите да се натпреварува на глобалниот светски пазар за вино, се рефлектираат врз оваа земја и ѝ даваат едно посебно место под сонцето. Скорешната појава на мали, бутик-винарии и нивното давање важност на локалните сорти како жестокиот и горд вранец, бескрајно ароматичната темјаника или неверојатно ретките примероци на станушина, ги отсликуваат ридовите на реката Вардар како област со огромен потенцијал за винопроизводителство. Овој водич им овозможува на посетителите на земјата потемелен преглед на винариите и нивните вина и во исто време им овозможува на винските ентузијасти кои живеат подалеку, поглед во тоа како да се доживее македонскиот вински идентитет во блиска иднина“, вели Симјановска.

Водичот содржи кратки прегледи за скоро секоја винарија во Македонија, поединечно како и сè она што би требало да се знае за винските сорти кои се одгледуваат во Македонија. Книгата изобилува и со детални описи за шеснаесетте виногорја, микроклимите и видовите почва. Водичот е создаден да ја отслика македонската винска индустрија денес и воедно да ги поттикне производителите и консументите да продолжат да ги поставуваат темелите на оваа млада, но мошне интересна винска земја.

Овој водич е продолжение на првиот `Македонски вински водич 2011`, чии автори се Ивана Симјановска и Дејв Влам. Можете да го најдете во електронска форма на следниот линк.
Со купување на E-book-oт, одлучувате да донирате во Фондот, “#Winelover Breast Cancer Awareness Foundation – #WLBCAF”